Новости

ПОЧНУВА ТРАНСФОРМАЦИЈАТА НА ОРДИНАЦИИТЕ ПО ОПШТА МЕДИЦИНА ВО ОРДИНАЦИЈА ПО СЕМЕЈНА МЕДИЦИНА

Датум: 20/08/2019

Специјалистите по семејна медицина од денеска можат да почнат постапка за трансформација на своите ординации по општа медицина во ординации по семејна медицина. Со ова се финализираше процедурата почната во февруари годинава, презентирана од министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на првиот Национален форум за здравство. Ова решение е дел од мерките за унапредување на примарната здравствена заштита, изготвени врз основа на анализите и препораките на Светската здравствена организација и во координација со стручните здруженија.

– Специјалистите по семејна медицина ќе може да нудат поголем број услуги од матичен лекар. Ова е само еден дел од унапредувањето на квалитетот на услугите во примарната здравствена заштита. На овој начин граѓаните ќе можат здравствената заштита да ја добијат поблиску до местото на живеење, информираше министерот за здравство Филипче.

Оваа мерка е поздравена и од Здружението на лекари по општа и семејна медицина, бидејќи на овој начин, примарната здравствена заштита во која работи специјализиран кадар може да придонесе за значителни здравствени заштеди. Со навремено дијагностицирање и соодветен менаџмент на одредени состојби ќе дојде до растоварување на секундарното и терциерното ниво во здравствениот сектор. На овој начин ќе се создадат услови клиничките специјалности да се посветат на покомплексни и потешки здравствени состојби, за поголема мотивираност на лекарите, кои ќе бидат посветени на својата специјалност, а на овој начин ќе се намали и одливот, како на постојниот кадар, така и на младите лекари.

-Специјализацијата и доедукацијата по семејна медицина како процеси се почнати во 2010 година. Во просек, 30 лекари годишно се стекнуваат со звање специјалисти по семејна медицина. Со овие измени се оди чекор напред. Со препознавање на компетенциите, се имплементира специјализацијата по семејна медицина, согласно глобалната политика за постигнување стандарди за квалитет. Се препознаваат и признаваат знаењето и вештините на специјалистите по семејна медицина, а со оваа одлука очекуваме да се зголеми интересот за специјализацијата и доедукација, изјави Катерина Ковачевиќ, претседателка на Здружението на лекари по општа и семејна медицина.

Потполното вреднување и искористување на компетенциите на семејните лекари ќе придонесе, пред се кон поголемо задоволство на пациентите преку обезбедување лична, континуирана, сеопфатна и финансиски одржлива здравствена заштита во контекст на семејството и општеството.