Новости
ИЗБОРНО СОБРАНИЕ
Датум: 30/06/2012
ИЗБОРНО СОБРАНИЕ НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА ЛЕКАРИ ПО ОПШТА И СЕМЕЈНА МЕДИЦИНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Д-Р НАДА АНИЦИН НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ
Здружението активно ќе учествува при решавањето на проблемите што не оптоваруваат и кои се множат многу брзо, а тоа ќе го постигнеме преку анимирање на членството во секој дел од државата со формирање секции во една мрежа и со активно учество на сите доктори, рече во завршниот збор новиот претседател. Д-р Катерина Ковачева почесен претседател
На 30 јуни во просториите на Македонско лекарско друштво се одржа изборното собрание на Здружението на лекари по општа и семејна медицина на Македонија (ЗЛОСМ). На Собранието присуствуваа 44 членови од сите подрачни здруженија во Република Македонија.
На почетокот до присутните на Изборното собрание се обрати д-р Катерина Ковачева, досегашен претседател на Здружението со образложение на извештајот за работа на Здружението во изминатите четири години.
Во продолжение беа избрани работно претседателство и комисиите неопходни за работата на Изборното собрание. Присутните избраа Изборна комисија, Верификациона комисија и Комисија за жалби што е во согласност со статутот на Македонско лекарско друштво.
По деталното претставување на предложените кандидатите за новото претседателство кои пристигнаа до кандидационата комисија во рокот предвиден во Статутот, Изборната комисија ја почна постапката за избор на органите и телата на здружението. По проверката на гласачките ливчиња со мнозинство гласови беше усвоена предложената листа. За нов претседател на Здружението е избрана д-р Наде Аницин, специјалист по општа медицина со долгогодишно искуство и член на Управниот одбор на Здружението на лекари од општа и семејна медицина во повеќе мандати.
По изборот на присутните се обрати новиот претседател д-р Аницин.
– Почитувани, рече таа, ви благодарам на искажаната доверба. Тоа ќе биде обврска повеќе да се трудам да ја оправдам целосно вашите очекувања, се разбира заедно со новиот Управен одбор. Во него се избрани многу млади и способни колеги од кои очекувам да бидат дополнителна сила и ентузијазам во функција на работата на Здружението. Ова здружение, од своето формирање, уште во далечната 1947 година работело, работи и ќе продолжи да работи за лекарите по општа и семејна медицина. Здружението активно ќе учествува при решавањето на проблемите што не оптоваруваат и кои се множат многу брзо. Тоа ќе го постигнеме преку анимирање на членството во секој дел од државата со формирање секции во една мрежа и со активно учество на сите доктори.
Ќе се обидеме да остваруваме редовни средби со Министерството за здравство, Лекарската комора на Македонија и Фондот за здравствено осигурување. Исто така, како членка на Македонско лекарско друштво ќе се потрудиме да дадеме максимален придонес во работата на неговите органи и тела.
На крајот сакам да му се заблагодарам на досегашниот претседател д-р Катерина Ковачева за сè што стори за работата и афирмацијата на Здружението. Нејзиното искуство ќе ми биде потребно и понатаму и затоа сакам да ја предложам за почесен претседател на ова здружение” – рече д-р Аницин. Присутни едногласно го прифатија нејзиниот предлог.
За потпретседатели на ЗЛОСМ се избрани д-р Кирил Солески, д-р Димитар Алексов и д-р Марта Тунџева, а за секретар на здружението е избран д-р Лубен Шукриев.